Кумановскиот расадник на јавното претпријатие „Национални шуми“ од денеска користи реконструирани три мрежници со полуавтоматски иригационен систем за полевање и прихранување на шумски садници, потопна пумпа и мрежа за засена за потребите на расадникот.
На денешната промоција присуствуваа претставници од „Национални шуми“ кои овој проект го спроведуваат со УНДП преку Програмата за развој на Обединетите нации. Преку проектот се промовираат развојни активности за намалување на ризикот од поплави, преку подобрено управување, засновано на ризик со шумската покривка во горниот слив на реката Вардар. Во изминатиот период двете страни соработуваа за подобрување на делувањето со цел за намалување на притисоците врз шумската покривка и забрзување на нејзиното обновување како дел од проектот „Подобрување на отпорноста на поплави во Полошкиот регион“ што го спроведува УНДП.
– За нас како ЈП ова е многу важен настан, бидејќи претходните месеци интензивно работевме со УНДП за подобрување на отпорноста од поплави во рамките на полошкиот регион. Тоа е проект што го работи УНДП. Активностите кои беа извршени во расадникот во Куманово се наменети за јакнење на капацитетите на расадничкото производство и производство на садници кои ќе бидат искористени за пошумување на површините, изјави помошникот директор на Секторот за одгледување, подигање, екологија и лов, Маре Басова.
Површините кои ќе бидат опфатени со пошумувањето, веќе се мапирани согласно проектот за подобрување на отпорноста на полошкиот регион кој го работи УНДП. Целта е да се произведат садници коишто ќе ја обноват шумската покривка и ќе се намали ризикот од поплави и други катастрофи кои се случуваат во тој регион.
– Сакам да изразам благодарност до Швајцарската конфедерација како донатор и УНДП како имплементатор на овие активности и можноста која ни ја дадоа како ЈП да на еден начин учествуваме во подобрување на шумската покривка и на шумата во торј регион и на друг начин ни помогнаа со осовременување на нашите расаднички капацитети, изјави Басова.
Во расадникот во Куманово ќе се произведуваат отпорни садници кои издржуваат екстремни временски услови.
На отворањето на реконструираниот расадник во подружницата во Куманово присуствуваа и дел од помошниците директори од менаџерскиот тим на јавното претпријатие, вработени во подружницата во Куманово.