Во Делчево партерно се уредува градскиот парк и просторот пред Спомен-домот АСНОМ. Целта на активностите како што информираат од Општината е добивање нов лик во централниот простор во градот, кој освен за прошетки и рекреација се користи и за одржување културно-уметнички настани и друг вид собири од поголем обем.
-Градежните работи за доуредување и санирање на пешачките патеки и хортикултурно оплеменување на зелените јавни површини, ги извршуваат екипи на ЈКП „Брегалница". Се работи на санирање и бетонирање на оштетените пешачки патеки, санирање и бојадисување на летната сцена, како и хортикултурно уредување на парковската површина. Оваа активност се спроведува поради големите оштетувања на патеките, летната сцена кои со децении не се санирани, а целта на активноста е да се осовремени просторот, истакнаа од Општината.
Паралелно, како што додадоа од денеска започнаа и работите за санација на фоајето на Спомен-домот АСНОМ.
-Покрај санација на внатрешниот простор, во наредниве денови во план е да започнеме и со санацијата на кровната конструкција на домот, со што комплетно ќе се заштити објектот кој не е саниран повеќе години, додадоа од Општината.
Во рамки на разубавувањето на централниот градски простор, се засадуваат пролетни цвеќиња во парковите и јавните површини во градот Делчево, активност која ќе опфати засадување на над 1200 пролетни видови цвеќиња и пролетно прочистување на зеленилото.