Активностите за поставување на првата безбедна патека за алпинистичко искачување на карпа со помагала – Виа ферата, на планината Галичица, интензивираат, информира Антонио Додевски од алпинистичкиот клуб „Патагонија".

Изведбата, според него, почнала по обезбедување на сите неопходни дозволи и согласности од страна на надлежните институции и Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Извршивме проверка на условите за работа, контролни мерења на секвенците и симболично поставување на првиот клин, со што и официјално го означуваме стартот на изведбата, изјави Додевски.

Според него, се работи за комплетно нов производ во туристичката понуда на Охрид и очекува да привлече нови туристи.

– Ова е нова атрактивна содржина во Националниот парк „Галичица", која се надеваме ќе привлече внимание кај нови туристи, но секако ќе значи и нова содржина за сите оние кои веќе го посетуваат регионот. Се надевам ќе го отвори патот за збогатување на туристичката понуда и со други содржини. Луѓето кои сакаат да уживаат во оваа нова содржина нема потреба да носат со себе јажиња и дополнителна сигурносна опрема, освен лична опрема, појас, кацига и виа ферата сет, вели Додевски.

Покрај безбедносната опрема, дополнително патеката треба да биде опремена и со опрема за напредување, односно скалички на одредени позиции.

Виа фератата е безбедна патека за алпиниститчкото искачување на карпа со помагала. Поставувањето финансиски е поддржано од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а го реализира алпинистичкиот клуб „Патагонија", согласно критериумите на Македонска алпинистичка федерација и меѓународниот стандард EN16869:2018.