Во Ликовната галерија на прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“ од синоќа е отворена изложбата „Персона“ од прилепскиот уметник Филип Цакоски. На Цакоски ова му е прва самостојна изложба во Прилеп.

До 5 мај публиката може да ги види 11-те дела, скулптури на Цакоски. За авторот оваа изложба значи проследување, продлабочување во битието, зад физичкиот изглед и како човекот се претставува.

– Изложбата „Персона“ ги одразува внатрешните потреби, пориви, скриените или навидум заборавени желби, фантазиите и незадоволствата, како сила која во заднината управува со нашата личност (персона) која ја креираме пред другите, рече Цакоски.

Изложбата ја отвори поетот Филип Димкоски. Според него, со новите дела Цакоски ја отвора личноста на човекот.

–Ако во неговата прва изложба го увидовме постоењето на кожурците, обвивките и маските, кои не нѝ даваат да дишеме и да се претставиме онакви какви што сме, овде, во новите единаесет дела, обвивките полека паѓаат и се отвора можноста да се види личноста со својата посебност и своето достоинство. Оваа изложба е една можност да погледнеме во себе (не)совршенството, рече Димкоски.

Скулпторот Цакоски е член на ДЛУМ од 2020 година. Учествувал на повеќе групни изложби и настани во државава и во странство.