Партијата Движење за слобода предводена од Роберт Голоб е релативен победник на парламентарните избори во Словенија со најмногу добиени гласови, а на второ место е Словенечката демократска партија (СДС) на актуелниот премиер Јанез Јанша, според излезната анкета објавена во 19 часот.

По затворањето на избирачките места, Голоб им се заблагодари на граѓаните кои излегоа да гласаат и посебно за оние кои му ја донесоа изборната победа.

– Луѓето навистина веруваат дека ние сме единствените кои можеме да донесеме промени. Денеска луѓето танцуваат, утре започнува нов ден и утре ќе почнеме да се обидуваме да ја оправдаме таа доверба, рече Голоб, целиот трогнат и повика: Ајде да танцуваме!

Државната изборна комисија во Словенија ги објави првите делумни официјални резултати од парламентарните избори, а тие ќе се менуваат со зголемувањето на бројот на обработени гласачки ливчиња.

Според досега 53 отсто преброени гласови, Движењето за слобода на Роберт Голоб освои 32,87 отсто, односно 41 мандат, додека СДС на Јанез Јанша има 25,12 отсто и освои 31 мандат во Парламентот со 90 пратенички места.

Нова Словенија доби 7 отсто од гласовите и осум мандати, а СД со 6,67 отсто од гласовите освои осум пратенички места.

Според излезната анкета, на трето место е демохристијанската Нова Словенија (НСИ) со 6,8 отсто од гласовите, а по неа се социјалдемократите (СД) на Тања Фајон со 6,6 отсто и Левицата (Л) на Лука Месец со 4,4 отсто.

Државната изборна комисија ги објави и првите делумни официјални резултати. По преброени 10 отсто од гласовите, Движењето за слобода има 30,15 отсто, а СДС на Јанша 27,54 отсто од гласовите