Во Македонски Брод, денеска, на втор ден Велигден, ќе се одржи традиционалната манифестација Велигденски кули.

-Манифестацијата Велигденски кули и годинава ќе се одржи на втор ден Велигден, кога се формираат кули од човечки тела, традиција која почнала да се практикува од Османлиско време, а возобновена е последните 15 години, вели директорката на домот Милена Стојческа организатор на оваа манифестација.

Таа потсети на историјат како се случило овој ден да се прославува со формирање на Велигденски кули.

-Бидејќи во Османлиско време на жителите на Македонски Брод не им се дозволувало да ги слават празниците како што доликува, група поимашлии броѓани отишле кај Султанот и со злато го откупиле вториот ден Велигден. Оваа традиција што почнала пред 5 века денес повторно заживеа во нашиот град. На овој ден се собираат голем број гости и манифестацијата покрај културна прерасна и во туристичка атракција, додава Стојческа.

Таа ја соопшти и програмата за овој ден, која започнува во 12 часот со дефиле од Домот на културата до црковниот храм, по што следи концерт на кој ќе настапат седум ансамбли и пејачки групи од повеќе градови во земјава. Во 14:30 часот ќе се изведе верскиот обичај Каленица и за крај Велигденските кули.

Манифестацијата Велигденски кули е возобновена од страна на Отец Марко Трпкоски, а континуирано се одржува последните 15 години. Оваа културно – туристичка манифестација финансиски е подржана од Министерство за култура.