На овој Саем, Државниот архив ќе претстави околу педесет наслови, меѓу кои изданија за познати историски личности, повеќе едиции на зборници од архивски документи за македонската национална историја, кои се плод на истражувачката работа во архивите во странство, повеќе монографии што исцрпно обработуваат значајни настани и прашања од нашата историја како и оригинални трудови од истакнати историски личности.

Државниот архив редовно ја презентира својата богата издавачка дејност на Саемот на книгата во Скопје што е еден од начините за популаризирање на нашата историја и за презентирање на резултатите од архивското работење. Сите изданија на Државниот архив, како што е вообичаено, за време на Саемот ќе се продаваат со цени намалени за 30 насто, и тоа на саемскиот штанд, во просториите на Државниот архив – централен дел, како и во подрачните одделенија во Скопје, Велес, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип и Куманово.

Во рамки на Промотивниот центар на саемот планирано е да се промовираат три најнови изданија, чии автори се истакнати научници:

3.5.2022 (вторник) – од 12:00 ч. до 12:45 ч. – Промоција на „Oсманлиски документи за историјата на Македонија пописи од XIX век на христијанското население Скопски Санџак - Каза Скопје 1832/33“, книга 2, дел 1 од автор доц. д-р Аднан Шериф.

Промотор: проф. д-р Владимир Јанев

4.5.2022 (среда) – од 17:00 ч. до 17:45 ч. – Промоција на Зборникот документи „Скопската партиска организација на ПК за КПЈ/КПМ (1941 – 1944)“, избор, предговор, вовед, редакција и превод на д-р Љубица Јанчева, д-р Катерина Мирчевска, д-р Димитар Љоровски, 2022 г.

Промотор: д-р Јасмина Дамјановска

8.5.2022 (недела) – од 15:00 ч. до 15:45 ч. – Промоција на „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“, д-р Бранислав Светозаревиќ, 2021 г.

Промотори: проф. д-р Наташа Котлар, проф. д-р Митко Панов, проф. д-р Теон Џинго.

Покровител на Саемот на книгата е Министерството за култура, а организатор на Саемот е „Global Media Group“. Работното време на Саемот за посетителите ќе биде од 10 до 20 часот.