Безбедносната состојба на подрачјето на ОВР – Радовиш за 2021 година помина исклучително поволно како во делот на криминалитетот, така и во јавниот ред и мир и сообраќајот, констатирале на работната средба денеска дел од раководството на МВР, градоначалникот на Општина Радовиш и раководството на ОВР – Радовиш и на СВР – Струмица, по извршениот увид во целосно реконструираниот објект на Одделението за внатрешни работи – Радовиш.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој беше на увид на реконструираниот објект, со што почнаа активностите за одбележување на Денот на македонската полиција – 7 Мај, информира дека е значително намалувањето на кривични дела што се гонат по службена должност. За разлика од 2020 година, информира, кога биле пријавени 371 кривично дело, во 2021 година се 243 кривични дела, односно бележиме намалување за 22 проценти. Ефикасноста во реализацијата на кривичните дела е 52 проценти.
Во делот на сообраќајот во 2021 година, посочи, се бележи намалување на бројот на случени сообраќајни незгоди за 9,8 проценти за разлика од 2020 година кога биле случени 106 сообраќајни незгоди. Во 2021 година се случени 87, рече тој, потенцирајќи дека на подрачјето на ОВР – Радовиш во 2021 година нема ниту една сообраќајна незгода со последица смрт.
Инаку, овој објект на ОВР – Радовиш е 73-от реконструиран објект на МВР чии планирани градежни активности се започнати кон средината на септември минатата година, за што се издвоени околу 29 милиони денари од буџетот на МВР.
– Се водевме од политиките на Владата во насока на грижа за енергетската ефикасност, зачувувањето на животната средина и намалувањето на загадувањето. Така што, со оглед на неговата претходна состојба извршени се повеќе градежно-занаетчиски работи во делот на кровната конструкција, направена е нејзина комплетна санација, заменети се старите со нови ПВЦ прозорци, врати – поставени се алуминиумски, извршена е промена на санитарните јазли, комплетната санитарија, подовите, внатрешните врати, изработена е термоизолациона фасада за целиот објект, секако дека одделен е посебен влез во делот на управните служби, имаме посебна рампа за лицата со посебни потреби, поставена е целосно нова електрична инсталација, нова водоводна и канализациона инсталација и горд сум што раководството на МВР од 2017 година наваму во континуитет покажуваме дека со една добра стратешка поставеност можеме да ги надминеме сите претходни негативни состојби за што денес можеме да се пофалиме дека овозможивме реконструкција на 73 објекти на МВР на целата територија на државата и тука не застануваме, порача од Радовиш министерот Спасовски.
Најави дека со намален интензитет се продолжува со подобрување на материјално-техничката и инфраструктурната опременост на полицијата и во оваа 2022 година ќе биде целосно реконструиран Центарот за обука на МВР во Идризово, Одделот за граѓански работи во МРТВ во Скопје, како објект во најголемиот град во државата, најфреквентен и секако, истакна Спасовски, најзначајниот објект, а тоа е градба на новата полициска станица на ЕВР Аеродром во општина Аеродром.
– Остануваме посветени на нашата цврста определба кон системско унапредување на професионалните стандарди на полициското работење, целосно сообразувајќи го со европските стандарди, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.