Под мотото „Биди екологист, а не песимист" в сабота од Градскиот плоштад во Охрид до паркот кај Куба Либре, ќе се одржи прошетка и кратка работилница за подигнување на еколошката свест кај младите, во рамките на програмата Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ).

Целта, како што соопшти организаторот, е да се поттикнат младите да ја разбудат својата еколошка свест и да направат мал чекор за големи промени.

– Од Градскиот плоштад, до паркот пред Куба Либре е организирана прошетка по Охридскиот кеј. На финалната локација, учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на едукативна и интересна презентација испреплетена со вежби (едукативни игри) на тема екологија,. Да се сплотиме сите заедно и да ја направиме планетата Земја подобро место за живеење, посочува Црвен крст – Охрид.

За учество на настанот, заинтересираните потребно е да носат пет шишиња или три лименки.

Програмата Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ) претставува национална алатка за привлекување и задржување на волонтери во Црвениот крст на Република Македонија. Се имплементира во сите Општински организации на Црвен крст и на годишно ниво обучува околу 1.200 младинци, потенцијални волонтери во организацијата и 40 дисеминатори, кои работаат со младинците.