Изјавата на рускиот претседател Владимир Путин со која направи паралела со правото за признавање на Косово со украинските области Доњецк и Луганск согласно одлуките на Меѓународниот суд на правдата, иницираа силни реакции во Србија, во владините и опозициските медиуми, кај аналитичарите, кои дебатираат што тоа значи за Србија и дали односите меѓу Србија и Русија се навистина блиски, јави дописникот на МИА од Белград.

Од серијата текстови на Блиц кој почна со анализите со наслов „Путин заради својата војна заборави на Србите и Косово“, па Курир со насловот „Гол интерес“, Информер со темата „Светски судир преку нашиот грб – Путин игра на Косово“ се до Н1 кој анализира на темата „Дали Путин го признал Косово и што тоа значи за Србија“.

– Многу добро сум запознаен, лично ги прочитав документите на Меѓународниот суд на правдата на ОН за Косово. Добро се сеќавам на одлуката на Меѓународниот суд на правдата, во која се вели дека при остварувањето на правото на самоопределување, одредена територија на која било држава не е обврзана да бара дозвола од централните власти да го прогласи својот суверенитет. Тоа беше кажано за Косово, а тоа е одлука на меѓународниот суд. Оваа одлука беше поддржана од сите. Јас лично ги прочитав сите коментари на американските власти, европските земји, сите го поддржаа. Ако е така, тогаш Доњецк и Луганск имаат исто право да го прогласат својот суверенитет, без да се обратат до централните власти на Украина, бидејќи преседанот е направен, изјави Путин.

Дали Путин на тој начин отворено призна дека Русија е подготвена да го жртвува дури и Косово како дел од Србија за да ги оствари своите интереси во Евроазија е прашање што Блиц го постави како тема со своите соговорници и аналитичари.

Поранешниот српски амбасадор во Белорусија, Среќко Ѓукиќ за Блиц посочува дека изјавата на Путин за независноста на Доњецк и Луганск се заснова на косовскиот преседан со што „всушност ја призна независноста на Косово“ и да „голема заблуда е дека српските интереси се блиски до интересите на Русија“.

Како што оцени, Србија ќе послужи како паричка за поткусурување меѓу САД и Русија.

– Мислам дека Вашингтон и Москва веќе водат дијалог во однос на Косово. Дали ќе бидеме искористени за Крим, специјалниот статус на Доњецк и Луганск или крајот на војната е веќе прашање. Но, големите сили тоа што ќе го договорат ќе го претстават како генијално решение. Не треба да заборавиме дека големите сили секогаш водат дијалог и за време на најжестоката војна – заклучува Ѓукиќ.

Поранешниот министер за одбрана Драган Шутановац, оцени дека Косово е само преседан што Путин требаше да го негува.

– Иако Владата во Србија е убедена дека Москва го чува Косово и дека е подготвена дури и да влезе во воен конфликт за да ги заштити српските интереси, сега е сосема јасно дека Косово е само преседан кој треба да се негува се додека прашањето за Луганск и Доњецк доволно не созреат, оценува Шутановац.

Според основачот на Форумот за етнички односи, Душан Јањиќ за Н1 изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не би ја прифатил независноста на Косово „во замена“ за Донбас и Крим, додека политикологот и новинар Борис Варга смета дека пишувањето на медиумите дека „Путин го признал Косово“ им оди во прилог на сите во Србија, а можеби најмногу на Владата и на претседателот.

Варга оцени дека провладините медиуми во Србија работат на префрлање на обвинението за предавството на Путин, така што се сугерира дека тој го признал Косово и дека можеби треба да се смени политиката кон Русија.

– Гледајќи ги таблоидите кои се еден вид пулс на дневната политика, можеме да видиме дека полека се заладува врската со Русија, изјави Варга во емисијата на Н1.

Медиумите најавија дека на утрешното обраќање до јавноста на претседателот Александар Вучиќ, можно е тој да се произнесе за оваа тема.