Во рамки на проектот за доизградба на рекреативната патека крај Дојранското езеро, започна нејзиното етапно уредување на потегот од ресторанот „Гранико", до граничниот премин со соседна Грција.
– Патеката со должина од 1.285 метри,се протега паралелно со регионалниот пат R- 105 кој води до граничниот премин Дојран.Ќе биде уредена со бекатон плочки,обезбедена со потпорни ѕидови и со изграден паркинг простор.Очекуваме да го разубави овој дел од градот и да придонесе за поголема привлечност на странските и домашните гости од југоисточниот регион кои се најбројни на Дојранското езеро, велат од општината.
Рокот за доизградба на патеката е до почетокот на летната туристичка сезона,или нејзиниот шпиц во месец август,кога ќе понуди нова инфраструктура и можност за рекреација на гостите покрај езерото.
Реализацијата на проектот ќе чини 5,2 милиони денари што се обезбедени преку Бирото за регионален рамномерен развој и дел од сопствено учество на општина Дојран.