Со измени во буџетот Општина Битола успешно се справува со високата цена на електричната енергија, истакна градоначалникот Тони Коњановски и побара членовите на Советот на Општина Битола да го изгласаат ребалансот на буџетот на локалната самоуправа.

Градоначалникот Коњановски најави обезбедување на алтернативни решенија за намалување или надминување на проблемите со високата цена на електричната енергија.

– Предложените измени се прават со цел повторно самостојно, за жал без поддршка од централната власт, да обезбедиме средства Општина Битола успешно да продолжи да работи во состојба кога државата се соочува со енергетска криза, а последица на тоа се и големите сметки за електрична енергија, кои сега се пет до шест пати повисоки, во споредба со овој период минатата година. Токму затоа со предложената измена на буџетот се врши дополнување на ставките за електрична енергија. Во контекст на решавање на овој проблем, во меѓувреме работиме и на алтернативно решение за електрична енергија во соработка со јавното претпријатие Жабени, што во корелација со периодот на имплементација, во овој момент, овозможува намалување на средствата во програмата за јавно осветлување и одржување во вредност од 20 милиони денари, посочи Коњановски.

Со измените и дополнувањата на буџетот рече Коњановски извршени се пренамени и во ставките на сметките за самофинансирачки активности и донации кај буџетските корисници и со овие измени и дополнувања, буџетот на Општина Битола се зголемува за 3.192.247 денари.

– Со завршување на анализа на податоците кои се однесуваат на наплатата на данок за време на мандатот на претходната локална самоуправа, констатирано е дека општината има ненаплатени вкупно 43.547.475 денари по основ на комунална такса за фирма, за што веќе преземаме конкретни мерки за намалување на штетата на општинскиот буџет, нагласи Коњановски на денешната седница на Советот на Општина Битола.