Во Центарот за култура во Кичево вечер ќе се одржи драмската претстава „Ако останеш дома“. Претставата првпат се одржа на 9 декември но само пред мал број вработени од Центарот, а како што соопшти директорот на Центарот за култура Мазлам Османи, станува збор за современа Унгарска драма во еден чин.
-Иако драмата е напишана во минатиот век, таа ги отсликува проблемите на еден брачен пар кои се актуелни и ден денес, но се претставени на еден поинаков,современ начин. Оваа драмска претстава ја подготвувавме околу месец и половина и сметаме дека првата отворена претстава на овој драмски текст, ќе ги задоволи присутните гледачи во салата од Центарот за култура, истакна режисерот на претставата и главен актер Михајло Петрески.
Тој нагласи дека оваа драмска претстава е пријавена и за учество на Драмскиот аматерски фестивал, што традиционално кон крајот на мај се одржува во Кочани.
Во оваа драмска претава, покрај Михајло Петрески како носител на една од двете главни улоги, е и Виолета Петкоска. Сценографијата ја изработија вработените од Центарот за култура, костимите и декорирањето на сцената се дело на Александра Петреска. Изборот на музика и видео ги направи Матео Петрески.
Почетокот на претставата е во 19 часот.