По пауза од две години Струмичката Православна Епархија повторно организираше свечена литија со иконата на Пресвета Богородица Брзопослушничка низ улиците на Струмица.Таа синоќа беше изнесена од црквата „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ и пренесена во црквата „Свети Димитриј и Свети Григориј Палама“, од каде претпладне беше донесена на плоштадот „Гоце Делчев“.
Пред поголем број верници и граѓани таму се одржа молитвословие, а во присуство на митрополитот Брегалнички Иларион и свештеници, поздравно слово одржа Викарниот епископ Јаков Стобиски.
- Не се собиравме денеска да ја прославуваме или чест да ѝ укажуваме, бидејќи таа нема потреба од тоа, туку се собравме да се заблагодариме за нејзините чуда и грижа за сите нас, тука сме да ја замолиме и поканиме да влезе во нашиот живот и нашите срца и да не научи како тоа се прави, бидејќи таа најдобро го знае тоа, бидејќи пред да го роди Бог го прими во своето срце, рече епископот Јаков Стобиски.
Литијата почна вчера со Вечерна богослужба во манастирот „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ и изнесување на иконата на Пресвета Богородица Брзопослушничка. Со свечена литија иконата беше однесена во црквата „Свети Григориј Палама и Свети великомаченик Димитриј“, каде се отслужи акатис, а иконата беше оставена за поклонение на верниците.
Пред четири години, во втората недела од Великиот пост, посветена на Свети Григориј Палама, заштитникот на Струмичката епархија, иконата беше донесена во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, Струмица, како подарок од братството на светогорскиот манастир Дохијар