Кумановското основно училиште „Кочо Рацин” е домаќин на група професори и ученици Португалија, Шпанија. Турција и Италија во рамките на Еразмус проектот „Чувари на водите” – GLOW, информираа денеска надлежните од училиштето.
Учениците и професорите ќе работат на откривање на биодиверзитетот и различните видови растенија и животни во непосредна близина на Куманово, по течението на Пчиња на локалитетот, Бислиска клисура и кај село Пелинце.
Активностите во Охрид, во Бислимска Клисура и покрај реката Пчиња кај село Пелинце имаат за цел учениците да научат повеќе за биодиверзитетот и различните видови флора и фауна преку собирање на примероци, фотографирање и идентификување на примроците. Стручни лица од македонско-еколошкото друштво им помагаат на учениците за идентификување на примероците на растенијата и животните. Преку изготвување на презентации учениците ќе соработуваат во тимови и креативно ќе се изразат со користење на собраните примероци флора.
– Огромна чест и радост е што ООУ „Кочо Рацин” Куманово е прв домаќин на вкупно 25 ученици на возраст од 11 до 14 години и десет наставници од четири европски држави. Првиот ден директно вклучени се 25 ученици од шесто и седмо одделение од училиштето и тим од пет наставници, изјави професорката Анита Димовска, координатор на проектот.
Ова е прва активност во рамките на овој проект. Во наредниот период, односно следната учебна година ќе се организираат посети на другите четири држави каде исто така ќе се разгледуваат водите од различни аспекти, туризам, спорт, значење за животната средина.