Изложбата на академскиот сликар Трајче Чатмов вечер ќе биде отворена во галеријата „Ел Греко“ во центарот на Скопје.
На изложбата ќе бидат изложени 20-тина дела работени во последната година во техника акрил на платно. Тоа се слики кои досега не биле изложени и кои се продолжување на циклусот „Интимно понирање“.
Професорот Гоце Наневски во најавата за изложбата на уметникот Трајче Чатмов пишува дека сликарството има моќ да учи.
-Сликарството кога е различно има можност да биде објаснето. Почитта е етички – ликовен момент. Сликарството има моќ да учи. Без учење нема сликарство. Рефлектирањето вон сликарството е утопија. Рефлекти рањето во сликарството е историја или повеќе можни истории. Еднаш напишав: „Предзнаењата се одлични“ и „Легендите се за читање“. Сега дополнувам: „Читајте ги сликите на Чатмов!“, напиша Наневски.