Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, по повод денешниот 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите порача дека новинарите мора да имаат подобри услови за работа каде што ќе можат слободно и без никакви притисоци, навреди и уцени да ја извршуваат својата професионална обврска.
Според Димитриевски, доколку сакаме да одиме напред како општество, постојано мора да се унапредува слободата на изразувањето.
– Секој човек има право на слобода на мислење и изразување и треба да се чувствува слободен да може да го искаже своето мислење и став. Доколку сакаме да одиме напред како општество, како сите напредни земји тогаш неопходно е да се трудиме постојано да ја унапредуваме слободата на изразување. Новинарите мора да имаат подобри услови за работа, секогаш да можат слободно и без никакви притисоци, навреди и уцени да ја извршуваат својата професионална обврска, вели Димитриевски.
Градоначалникот на Куманово укажува дека убавината на демократијата значи вреднување на различни размислувања и подобрување на општествените процеси преку конструктивна критика.
– Денешниот Светски ден на слободата на медиумите е потсетник никогаш да не скршнеме од тој пат. Да им овозможиме достоинствени услови за работа на сите новинари и медиумски работници, рече Димитриевски.