Фондацијата „Милан Младеновиќ” распиша конкурс за наградата што го носи името на легендарниот белградски и југословенски рок музичар и фронтмен на групата Екатарина Велика.
Конкурсот за наградата „Милан Младеновиќ 2022”, под слоганот „Пријави ја твојата песна” е отворен од 1 до 31 мај годинава, инфрмираат од фондацијата.
Право на аплицирање имаат автори и изведувачи од сите земји од некогашна Југославија, со песна чиј текст е напишан на еден од јазиците што се зборуваат на поранешните ЈУ простори, вклучувајќи ги и јазиците на малцинствата.
Еден уметник, автор или група автори може да пријават само една песна на конкурсот за наградата. Песните што се натпреваруваат за наградата треба да бидат објавени помеѓу 1 јули 2021 и 31 мај 2022 година. Апликациите може да ги поднесат авторите, изведувачите или издавачите преку формуларот достапен на веб-страницата на Фондацијата – www.milanmladenovic.com. Конкурсот завршува на 31.05.2022 година, на полноќ. Освен формуларот за пријавување, на сајтот www.milanmladenovic.com се наоѓа и комплетната документација што се однесува до условите на конкурсот, како и правилата за доделувањето на наградата.
Наградата „Милан Младеновиќ“ е основана со цел да ја поттикне музичката креативност, која се карактеризира со вредностите својствени на неговото уметничко наследство. Се доделува за најдобра песна на територијата на поранешна Југославија на церемонија на 21 септември – денот на раѓањето на Милан.
За победничката песна годинава ќе одлучува регионалното жири во состав Миле Кекин (Хрватска), Соња Лончар (Србија), Матјаж Манчек (Словенија), Едо Плованиќ (Хрватска) и Драгиша Ускоковиќ Чима (Србија). Стручното жири најпрво ќе избере 12 финалисти кои ќе бидат објавени на промотивната компилација што ќе ја изработи фондацијата „Милан Младеновиќ“, а победниците на овогодишната награда ќе бидат наградени и парично. Наградата е 3.000 евра.