На денешната средба одржана во присуство на првиот парламентарец, Линдита Никола, координаторите на пратеничките групи, се договорија првиот круг на гласање, за нов претседател на државата, да се одржи на 16 месецов.
Деновиве координаторот на пратеничката група на владејачката социјалистичка партија, Таулант Бала, рече дека првиот круг ќе биде на 10 мај, но по предлог на неговиот колега од опозициската Демократска партија (ПД), Енкелејд Алибеај, кој побара неколку дена за договор во партијата, на овој датум е договорено официјално да почне изборниот процес.
-Значи се договоривме на 16 мај да биде првиот круг од процесот на гласање во законодавниот дом, додека 10 мај треба да биде датум на почеток на процесот. Би ги поканил сите тројца координатори, вклучително господинот Алибеај, како лидер на најголемата опозициска група, да продолжиме со соработката за да избереме кандидат кој доследно ќе ја носи функцијата претседател, изјави Бала.
На средбата беше одбиено барањето на координаторот на „Сојуз за промени”, Фатмир Медиу, кој побара да биде вклучена во разговорите и групата на Сали Бериша (отцепениот дел од пратеничката група на ПД), но тој предлог не беше прифатен.
Освен Бала, Алибеај и Медиу во разговорите е вклучена и Месила Дода, координаторка на пратеничката група „За демократија и интеграција”.
Мандатот на актуелниот претседател Илир Мета завршува на 24 јули а новиот, парламентот треба да го избере до крајот на месецов. Лидерот на владејачките социјалисти и премиер Еди Рама, упати апел до сите политички субјекти и граѓанскиот сектор да достават предлози.
Денеска единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) достави предлог до Никола и координаторите на пратеничките групи, со кој проф.д-р Кимет Фетаху го предлага за нов шеф на албанската држава.