Продлабочувањето на економската соработка со Швајцарија и тековните проекти имплементирани од Министерството за финансии со финансиска поддршка од швајцарската Влада беа во фокусот на средбата што министерот за финансии Фатмир Бесими ја имаше со швајцарската амбасадорка Вероник Улман.

На средбата, како што информира ресорното Министерство, станало збор и за тековната макроекономска состојба и енергетската криза во земјава.

Соговорниците разговарале за Проектот за макроекономско планирање и управување што се имплементира во Министерството за финансии со поддршка на Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), како и за Програмата за балансиран регионален развој која се имплементира преку УНДП и со финансиска поддршка од швајцарската Влада. Станало збор и за Програмата за државен долг и менаџирање со ризици.

– Во таа насока, како што беше потенцирано на средбата, швајцарската влада дава целосна поддршка на активностите на Министерство за финансии во подобрување на процесот на управување со јавните финансии и даночната администрација преку финансирање на проектни активности, а коишто ќе бидат технички имплементирани од ММФ и СБ, се наведува во соопштението.

Амбасадорката најавила дека ќе продолжи соработката меѓу двете држави и посочила дека Швајцарија е еден од најголемите донатори во земјава.

Минатата година беше потпишан Протоколот за усогласување на Спогодбата меѓу Република Македонија и Швајцарија за одбегнување на двојното одданочување, согласно новата даночна конвенција на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и БЕПС стандардите. Со Протоколот се зајакнуваат постојните одредби за одбегнување на двојното оданочување за данокот на доход и данокот на капитал меѓу двете земји.