Музејот во Куманово денеска организираше едукативна работилница на тема „Македонската азбука и нејзините почетоци преку музејски предмети од историската збирка“.
Работилницата наменета за најмалите деца од училишна возраст, опфати повеќе едукативни активности креирани од кустосите вработени во Музејот, кои ја прикажаа збирката во постојаната музејска поставка наменета за македонскиот јазик. Натанот се одржа во лапидариумот, а беа изложени ликовни дела од работилницата на средношколците од кумановската гимназија на тема „Народното творештво“.
– Целта на овој настан е младите да се едуцираат и да се запознаат со убавината на македонскиот јазик кој се одбележува денеска. Вработените организираа посета на историската збирка и преку различни едукативни активности ги едуцираа децата од нижите одделенија за значењето на македонскиот јазик и неговата историја, изјави в.д. директорот на НУ Музеј Куманово Мери Николиќ.
Оваа активности има за цел уште од најрана возраст кај децата да ја развие свеста за музејската култура, да ги запознае со важноста на музејските предмети и уметничките дела, како дел од нашето културно наследство и преку креативни форми им овозможува на децата да развијат љубов кон старините, кон уметноста, нашето богато минато. Музејот на овој начин ја остварува идејата-отворена институција за сите креативци, конкретно во овој случај за најмладата популација.