Излезе од печат „Старецот и короната“, најновиот 18-ти роман на тетовскиот писател Јован Дамјановски.

Авторот во интервју за МИА минатиот месец порача дека овој роман има две главни пораки, а е посветен на голготата на несреќните луѓе кои ги изгубија животите поради пандемиската болест но и драмата на оние која ја преживеаа болеста преку главниот лик наречен Небојша.

-Првата порака е по народната умотворба „Кога судбината зборува-човекот треба да молчи“. Во таа смисла судбината е работа која што луѓето не ја определуваат сами. Уште една порака има во овој роман – дека човек има само еден живот и никој не доживува два животи. Затоа тој се бори и затоа е борбата меѓу короната и човекот-борба да се обезбеди животот со нов почеток во животот независно на колку години се доживува, изјави авторот.

Поговорот за романот е напишан од писателот Раде Силјан. Издавач на романот е Матица Македонска. Корицата на книгата е илустрирана со цртеж од тетовскиот академски сликар Павле Кузмановски. Авторот Дамјановски е роден 1946 година во Тетово, доктор на науки и универзитетски професор, член на Друштвото на писателите на Македонија од 1992 година. Покрај на романи, автор е и на книги со раскази, драми и сценарија.