Во кочанското село Оризари почна деветтото издание на Меѓународниот фестивал „Традиционални Ѓурѓовденски обичаи, песни и ора“, чиј организатор е фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“.

На фестивалот годинава учествуваат над 700 фолклористи од десетина ансамбли и групи од Србија, Црна Гора и од нашата земја, кои ќе настапат на концерти во селата Видовиште, Зрновци и Оризари.

-Во рамки на фестивалот вечерва ќе бидат претставени обичаи за биење млеко, правење масло, подготовка на Ѓурѓовденски зелник, а во коритото на реката Масалница ќе се одржат традиционални спортски игри и натпревари. По дефилето на учесниците на манифестацијата, во Домот на културата во Оризари ќе се одржи фолклорен концерт, а организираме и дегустација на традиционални јадења. Фестивалот продолжува и утревечер со дефиле, традиционални ѓурѓовденски игри и концертен настап на плоштадот во Зрновци, истакна Александар Тошев, претседател на фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“.

Меѓународниот фолклорен фестивал „Традиционални Ѓурѓовденски обичаи, песни и ора“ се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура, како и од општините Кочани, Зрновци, Виница и Македонска Каменица, а го помагаат и компании од регионот.