Во Музејот на современа уметност денеска ќе биде отворена самостојната изложба „Изведувајќи го безличното/Манифестирање на спекулумот“ на уметницата Наташа Неделкова.

Куратори на изложбата се Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец. Неделкова е една од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, а наградата подразбира реализација на самостоен проект во Музејот на современата уметност – Скопје. Наедно, Неделкова е избрана од Европското номадско биенале за современа уметност – Манифеста 14 да биде дел од нивната официјалната програма оваа година.

„Изведувајќи го безличното / Манифестирање на спекулумот“ е проект на Неделкова кој се реализира во форма на две видео-инсталации „The Act of Seeing“ и „Manifesting Speculum“ во два засебни простори во МСУ-Скопје. Во тие две „црни кутии“ на три проекции и четири екрани ќе бидат претставени рефлексии за женската сексуалност, политичкиот ангажман, насилството и раскажувањето приказни.

– Низ овие инсталации го изведуваме безличното преку колективно слушање, танцување социјални кореографии и визуелизирање позиции на протест. Женската сексуалност, гледана од перспективата на Манифестираниот спекулум, произведува етичко знаење кое е поетско, нетранспарентно и против општествениот поредок и закон. Таа е против опасните репродукции на истото. Ткае заедништво со непознатото што доаѓа, преку слободна игра, вели Неделкова.

Изложбата се реализира со поддршка на Министерство за култура и ЕВН АД Скопје и ќе биде отворена до 26 мај 2022 година.