Ирската писателка Лиза Макинерни, авторка на романот „Свети ереси“, вчера пристигна во Скопје и денес ќе биде гостинка на Меѓународниот саем на книгата. Според програмата официјалната промоција на романот и претставувањето на авторката ќе биде денес во 19 часот, во промотивниот центар во салата „Борис Трајковски“. Претходно авторката Макинерни ќе се сретне со љубителите на книгата и ќе им ја посветува својата книга на штандот на издавачот „Бата прес“. Делото од англиски го преведе Ацо Пероски, а ќе го промовира Пепи Стамков.

Објавувањето е поддржано од Секторот за евроинтеграции на Министерството за култура и програмата Креативна Европа на Европската Унија. Ова е уште една од десетте книги од десет различни европски јазици што „Бата прес“ ги објавува во минатата и оваа година во рамките на проектот „Отворени книги – отворени граници“.

Пред доаѓањето о Скопје, авторката имаше видео обраќање до македонските читатели и даде интервју во кое, зборувајќи за книгата „Свети ереси“, меѓу другото истакнува дека „ликовите во романот се луѓе што живеат на периферијата од ирското општество. Така неволјите во кои запаѓаат и нередот што го прават не се типични за ирскиот начин на живот, но тие се случуваат и тие се, во таа смисла, всушност многу вистински. Сепак, мотивите што секој лик ги има, и општественото потекло од каде што доаѓаат, се секако типични во Ирска. Рајан доаѓа од обесправено општествено милје – неговото семејство е сиромашно и неговиот татко е алкохоличар – така што кога почнува да работи како дилер на дрога, е во таа смисла. Не е оправдување, туку објаснување“, нагласува Лиза Макинерни.

Авторката Лиза Макинерни (Lisa McInerney) е родена 1981 година во работничко семејство, во Галвеј, Ирска. По завршувањето на средното училиште студирала англиски јазик и географија на Универзитетскиот колеџ во Корк. Пишува романи, кратки раскази, есеи, статии... Како блогер, активна е на социјалните мрежи. Ги објавила романите: Свети ереси (The Glorious Heresies, 2015); Чуда од крв (The Blood Miracles, 2017) Правилата на Откровението (The Rules of Revelation, 2021).

За романот „Свети ереси“ ги доби престижната награда за жена автор на фикција (Baileys Women's Prize for Fiction) и наградата Дезмонд Елиот (Desmond Elliott) во 2016 година.

Има добиено повеќе награди во Франција, Италија, Шпанија, а нејзините дела се преведени на француски, шпански, холандски, германски, чешки, српски, дански, полски, македонски и други јазици.