Во Културно-информативниот центар во Скопје денеска ќе биде одбележан Светскиот ден на пијаното, со промоција на нови звуци и композиции од светски познати композитори, кои првпат ќе бидат изведени кај нас.
– На сцената ќе зазвучат дела од Виталиј Неугасимов, Тимоти Браун, Брајан Филд, Мехрож Мухторов, Ратко Делорко, Алексеј Шор, Оскар Гигеле. Ќе биде одбележана годишнина, 150 години од раѓањето на Александар Скрјабин, а ќе зазвучат и бисери на класиката, информираат од КИЦ Скопје.
Специјален гостин ќе биде современиот австриски композитор Оскар Гигеле, чие гостување е под покровителство на Австриската амбасада во Скопје.
Светскиот ден на пијаното се одбележува по шести пат, а е во организација на Светлана Димитриевска, професорка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
На настанот ќе бидат доделени и награди за најнадежен млад пијанист од публиката и од стручна комисија. Дел од комисијата се проф. д-р Марија Ѓошевска, м-р Даница Стојанова, м-р Светлана Димитриевска, м-р Марија Максимова и д-р Татјана Божиновска.
Денот на пијаното се одржува на 88-от ден во годината (29 март или 28 март во престапна година), како прослава и повикување на 88-те клавиши на пијаното. Празникот е изум на германскиот музичар и композитор Нилс Фрам, кој е познат по комбинирањето на класичното пијано со електронската музика. Го воспоставува 2015 година „затоа што не е штета да се слави пијаното и сè околу него: изведувачи, композитори, градители на пијано, штимери, и најважно, слушателот“.