Во рамки на одбележувањето на Денот на Европа, вечерва во Македонскиот народен театар премиерно ќе биде изведена преставата „Народен непријател“ од норвешкиот автор Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ.
Претставата е дел од проектот „Патиштата на хероите“ поддржан од програмата на „Креативна Европа“, а во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан. – „Народен непријател“ отвора важна дилема во актуелните еколошки борби — како да се третира нешто што од една страна е извор на загадување и зараза, а од друга, главен (честопати единствен) извор на приход за поголемиот дел од населението во тој крај? Доктор Стокман е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е тоа болно, велат од МНТ.
Драматург на претставата е Тамара Барачков, преведувач на драмскиот текст е Маја Трајановска-Ивановска, сценографијата е на Вишња Вујовиќ. Костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, дизајнер на светло Крис Јегер, композитор е Јоргос Дусос, а кореографијата е на Карис Пекливанидис.
Улогите во претставата ги толкуваат Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви, и Мартин Ѓоргоски.
Претставата ќе биде повторно изведена и на 10 мај, а билетите се достапни на веб-страницата на МНТ како и на билетарницата во Македонскиот народен театар.