На саемот на книгата, вчера, беше промовираното второ издание на книгата „Буниште од емоции“ од авторот Џорџ Венистом во издание на издавачката куќа Ад Вербум. Главни промотори на книгата беа рецензентите – мотивацискиот говорник Жарко Костиќ и психологот д-р Крсте Маљановски.
„Ми се допадна филозофскиот пристап на авторот кој помага да разбереме дека за да ја развиеме свеста потребно е да надминеме препреки, потребно е храбро да се впуштиме во играта на животот каде на ист пат се и љубовта и разочарувањето и среќата и тагата и успехот и поразот... Том е волен да биде ранлив со тоа што искрено сака и таа негова храброст да биде го води на повисоко ниво на свесност и осознавање, на едно друго „буниште од емоции" или во една друга реалност, каде тој самиот разбира дека потрагата по другата половина или душа која ќе го исполни фактички е тешко остварливо, бидејќи ние сме комплетни токму онакви какви што сме. Тој трагајќи по другата половина која ќе го надополни, со секое наредно буниште, во основа се осознава себеси и ја развива својата среќа, да биде и да постои со она кое што го има во моментот. Самиот автор вели:"Не го испуштај присуството, немој да страдаш поради отсуството". И тоа е вистината. Трагајќи по причини да сме среќни, забораваме дека обично имаме се што ни е потребно да бидеме среќни. Фактички ние сме среќата. Богатство во животот е да си среќен, а најголемо богатство е да си среќен без особена причина. Нашата одговорност е да ја најдеме нашата среќа, а кога ќе почнеме да чекаме некој друг да не направи среќни, тогаш е време за себе-развој и за себе-осознавање. Буништето е буниште се додека велиме дека среќата ни зависи од туѓата љубов или прифаќање, но кога вистински ќе се осознаеме и прифатиме себеси, буништето не е веќе буниште, туку плато на среќа и радост, восхит и слобода на постоењето. Буниште е место каде се фрла или има органски отпад на нива, но почвата го користи самиот фрлен отпад за да биде плодна и да даде плодови. Во нашиот живот доколку одлучиме, можеме да го искористиме „отпадот" или тешките моменти за да одиме нагоре и да успеваме. Се е до нашата одлука како ќе биде. Можеби некој буништа се неопходни за плоден живот и понатамошна среќа“, објаснува Костиќ.
Според Маљановски, книгата претставува опис на личните чувства на авторот и тој ја доживува книгата како „балада за еден временски мал животен период“.
„Невозвратената љубов, како врвна емоција на човековото битисување и разочараноста од неа, се главни карактеристики на ова дело. Скриената тага, со огромна желба и надеж за посреќен живот, потрагата по слобода и љубов се реални слики питоресно опишани во оваа книга што ја прави повеќе од автобиографско дело. Но, се надевам и не мемориско, затоа што авторот има доволно материјал за опис на неговиот живот“, додава Маљановски.
Во своето дело, авторот Венистом ќе напише „се во животот е сместено меѓу две крајности, две дуалности, меѓу две „лепчиња“ кои ја спојуваат душата, емоцијата, чувството, но и опипливото, дофатливото. Главните ликови во книгата „Буниште од емоции“, Том и Венис, во своето двомесечно интензивно човеково доживување, ги минуваат сите Сцили и Харидби на љубовта, но не доволно вешто за да минат на повисокото ниво на восхитување. Љубовта е таа која ги раздвојува нивните Души, кои како Сонце и Месечина постојано го креираат нивното животно патешествие. Но, тоа не е крај. Тие си ветуваат дека постојано ќе останат во комуникација на енергетско ниво. Дали физички ќе бидат (за)едно, ќе покаже времето изразено во човекова димензија“.