Во Музеј галеријата во Кавадарци денеска беше поставена историска поставка „Тиквешијата во НОВ 1941-1945″, во чест на 9 Мај – Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа.
Директорката Весна Ѓорѓиева рече дека станува збор за еден датум со два значајни настани во историјата. Таа појасни дека се презентираат 130 фотографии со историски настани, личности и предмети од Втората светска војна.
Куратори на изложбата се кустосите Марија Михова и Натка Китева.
На изложбата беа прочитани и лични творби од страна на две ученички од основното општинско училиште „Димката Ангелов-Габерот” од Ваташа.
Китева и Михова се осврнаа на историското минато на Тиквешкиот крај.
Китева потсети дека денеска се навршуваат 77 години од завршувањето на Втората светска војна. Најголемата, најжестоката, најглобалната и најтрагична војна во историјата на човештвото. Во неа животот го загубиле околу 55 милиони луѓе. Војната се водела на територија на тогашни 60 држави. Китева беше децидна дека денес се прославуваат единството и мирот, рамноправноста и почитувањето помеѓу народите.
Во своето обраќање пред присутните, Михова потсети, меѓу другото, на Диме Поп Атанасов, првата жртва дадена во Тиквешијата, непосредно по окупацијата на Македонија.
Таа нагласи дека од Македонија, загинале 25 илјади борци и жртви на фашистичкиот терор.
-Борбата против окупаторот, народот од овој крај ја платил со многу пролеана крв. Од општината Кавадарци загинале 333 борци, од кои тројца се прогласени за народни херои. Страшо Пинџур, Киро Крстев и Блажо Тодоровски-Чичето, рече Михова.
Таа додаде дека НОВ и Револуцијата претставуваат значаен период од историјата на овој крај, за што сведочат и голем број на подигнати споменици и спомен обележја за истакнати борци и значајни настани.