Повеќе косовски невладини организации му се обратија денеска на реизбраниот претседател на Франција, Емануел Макрон, со барање да ја овозможи визната либерализација за Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во писмото потпишано од 81 НВО, од Макрон се бара Франција, како иден претседавач со Советот на Европската унија, да ја прекине изолацијата на косовските граѓани, како и да ги започне преговорите за зачленување на Северна Македонија и Албанија во Унијата.

-Оценувајќи ја слободата на движење како основно човеково право, од чие неисполнување страдаат обичните граѓани, организациите на цивилното општество во Косово го повикуваат претседателот Макрон за време на француското претседателствување со Советот на ЕУ да го внесе европското проширување во една нова епоха, ставајќи ѝ крај на изолацијата на граѓаните на Косово и отворајќи ги преговорите за зачленување на Албанија и Северна Македонија, како момент на преродба за перспективата на регионот кон ЕУ, се вели во соопштението на косовските невладини.

Тие бараат овие прашања да се најдат во агендата и да се усвојат на Конференцијата за Западен Балкан, која идниот месец ќе се одржи во Париз.

Во писмото се потсетува дека процесот на визна либерализација за Косово е започнат пред дури 10 години и е запрен во Советот на Европската унија, како највисока институција на ЕУ и последна која треба да го усвои предлогот на Европската комисија за либерализација на визите.

-Косово останува единствената земја во регионот и меѓу единствените во Европа чии граѓани не можат слободно да се движат во Шенген – зоната, порачаа косовските невладини.