По иницијатива на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Кочани, со финансиска поддршка од буџетот на Општина Кочани, театарската група „Годо“ премиерно ја изведе претставата „Тој и Таа“.
Работена како дуодрама, претставата е адаптација на драмскиот текст „Друг човек“ од Петар Гладилин, режијата е колективна, а настапија младите актери Зорица Митева и Владимир Игнатов.
– „Тој и Таа“ е приказ на состојбата на мажот и жената во системското живеење, во кое тие забораваат кои се и што се. Водени од некои непишани правила, влегуваат во круг наречен систем, што им ги уништува сите клетки за емотивен развој и стануваат режимски суштества. Мажот испратен како „систем“ кај жената за да ја придобие и да ја стави во редовите на „системот“, осознава работи што му се потиснати од меморијата, како што се чувството за среќа, тага, љубов. Наспроти него, жената која се врти во круг исто така ги заборавила своите основни човечки емоции – момент кој ја поттикнува да размислува и да дојде до нив. Прашањето во претставата е дали ако не го играме другиот човек во реалноста, „во системот“, можеме да живееме сосема поинаку. Одговорот е не, затоа што кругот си е круг, истакна актерката Митева.
Театарската група „Годо“ со истата претстава ќе настапи и на Драмскиот аматерски фестивал, што кон крајот на мај ќе се одржи во Кочани. Се планира во наредниот период да се реализираат и неколку гостувања за театарската публика во други градови од регионот.