Во Градската уметничка галерија во Струмица, вечерва, по повод 9 мај, Денот на победата против фашизмот и Денот на Европа, беше промовирана монографијата „Мојот живот минато мило“ посветена на животот и делото на еден од живите борци од НОБ, стогодишниот Јован Величковски.
Автор на монографијата е неговиот внук, Ванчо Тркалевски, а пред присутните за делото говореа Тања Гошева, директорка на Библиотеката „Благој Мучето“ и новинарот Ристо Тасев, дописник на МИА од Струмица.
– Ова е едно дело кое ја опфаќа историјата на македонскиот народ пред се од 19 век се до создавањето на суверена и независна држава. Поттик за да ја напишам монографијата е животот и делото на мојот дедо се неговите кажувања, кои ги запишав и еве дочекав да бидат објавени. Ова е одговор на сите што не негираат како Македонци, бидејќи во книгата има документи и факти дека сето тоа не е вистина.Ние сме Македонци, имаме свој идентитет и зборуваме свој посебен јазик, рече авторот Тркалевски.
Дедо Јован, борец и партизан, не ги криеше своите солзи кога се зборуваше за неговиот живот и дело.
– Моите сто години многу бргу поминаа. Поминавме многу тешки години, тешки работи се случија и променија. Најдобро беше по ослободувањето, кога дојде мир, кога се ослободи земјата. Најтешко во овој период беше со формирањето на задругите кога беше одземена стоката и селаните биле терани со сила да се зачленат во задругите. По расформирањето на задругите во 1953 година беше полесно. Почна да се враќа стоката, ама за пари.Кој имаше пари можеше да си ја купи повторно, но многу луѓе умреа од мака. Потоа беше многу подобро, се присети на тешките времиња Јован Величковски.
Тој на сите во државата им порача да бидат сплотени, а не разединети.
– Сите сакаме да бидеме на чело, ама да не одговараме. Младите генерации да бидат сплотени и обединети да одат напред, за прогрес на државата и животот во неа, оти ако ние не бевме сплотени во наше време немаше да ја имаме ни победата ни државата, порача борецот Јован од промоцијата на монографијата за неговиот живот и дело.
Издавач на монографијата „Мојот живот минато мило“ е струмичката библиотека „Благој Мучето“.