Историскиот роман „Се викам црвена“ од турскиот писател Орхан Памук деновиве излезе од печат на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Ова е петто дело од Памук публикувано во едицијата „Современи класици“ на „Арс Ламина“, по „Истанбул: Сеќавањата и градот“, „Белата тврдина“, „Нов живот“ и „Жената со црвена коса“.

Орхан Памук е познат современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата меѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес.

Романот „Се викам црвена“ нè носи во XVI век, директно во јадрото на религиските и политички интриги на Отоманската Империја. Самиот поделен меѓу двете традиции, Орхан Памук уште еднаш ја демонстрира својата калеидоскопска визија, во која вешто се поставени Истокот и Западот, единката и општеството, религијата и уметноста.