Американскиот претседател Џо Бајден и италијанскиот премиер Марио Драги синоќа на средбата во Белата куќа го истакнаа единството во ставот на двете држави кон Русија и во поддршката за Украина.

„Бевте добар пријател и голем сојузник. Владимир Путин мислеше дека може да не подели. Но, сите ние ги удвоивме напорите“, рече Бајден пред Драги и новинарите во Белата куќа.

Премиерот на Италија оцени дека руската инвазија врз Украина ги „зајакнала“ врските меѓу САД и Италија и пошироко меѓу САД и Европа.

Драги рече дека е време да се размислува за „можностите за воспоставување примирје и почеток на веродостојни преговори“.

Подоцна запрашана за тоа, портпаролката на Белата куќа Џен Псаки рече дека американската администрација ги поддржува сите дипломатски напори, но оти гледа знак од Русите дека се подготвени или дека сакаат да започнат преговори.

Драги предвиде и „драстични промени“ за ЕУ која, според него, ќе биде принудена да ги „збива редовите“.

„Силна Европска Унија е во интерес на Соединетите Држави дури и ако претставува конкуренција, рече Бајден.

И покрај зависноста на Италија од рускиот гас и нејзините традиционално пријателски односи со Москва, Владата на Марија Драги силно ги поддржа санкциите против Русија. Како и неговите западни сојузници, и Рим испорачуваше оружје на Украина.

Драги, исто така, вети дека ќе ги поддржи сите европски санкции против рускиот енергетски сектор, и покрај ризикот што тоа го претставува за Италија каде 40 отсто од увозот на природен гас доаѓа од Русија.

Средбата на двајцата лидери во Белата куќа се одржува во рамки на подготовките за важните самити на Г7 и на НАТО предвидени за следниот месец во Европа.