Банк де Франс проценува дека француската економија треба да расте со умерено темпо, за 0,2 отсто, во вториот квартал, поддржана од закрепнувањето на услугите, а индустријата и градежништвото ќе бидат отоварени со зголемени трошоци за суровини, јави дописникот на МИА.

Во оваа фаза, војната во Украина и прекинот на производствените синџири поврзани со здравствените ограничувања во Кина повеќе влијаат на цените што ги плаќаат компаниите отколку нивната активност, проценува француската централна банка во своето месечно истражување.

Во понеделникот, Националниот институт за статистички и економски студии објави прогноза за раст од 0,25 отсто за вториот квартал, по стагнацијата на бруто домашниот производ (БДП) забележана во првиот, што беше знак за нагло забавување на економската активност по силното закрепнување во 2021 година.

-Постои одредена отпорност во француската економија. Имаме прогноза за раст која е умерена, но позитивна, изјави гувернерот на Банката на Франција, Франсоа Вилероа де Гало на Франс Интер, без да ја потврди прогнозата за + 2,8 отсто раст во текот на 2022 година дадена од Банк де Франс во март.

Според податоците собрани од Банк де Франс од околу 8.500 компании, „активноста во април беше генерално стабилна во индустријата и подобрена во пазарните услуги, поради нормализацијата на здравствената состојба“, а во мај деловните лидери веруваат дека таа повторно ќе расте кај услугите, но помалку во индустријата, додека ситуацијата во градежниот сектор малку би се променила. Војната во Украина и последиците од нултата политика на Ковид-19 во Кина го комплицираат снабдувањето на компаниите, со скок на цената на суровините, особено на енергијата.

Тешкотии пријавуваат 65 отсто од компаниите во индустријата, односно пет отсто повеќе од минатиот месец. Како резултат на тоа, индустријалците наведуваат дека ги зголемуваат своите продажни цени сè почесто како одговор на постојаниот притисок врз цените на стоките, подвлекува Банк де Франс.

Француската централна банка не даде прогноза за инфлацијата за наредните месеци, додека ИНСЕЕ проценува дека таа треба да достигне 5,4 отсто во јуни на годишно ниво.

-Растот е умерен, но позитивен. Грижа број еден на претприемачите и Французите е инфлацијата, потсети Франсоа Вилероа де Галхо од Банк де Франс.