Европскиот туристички оператор ТУИ денеска објави дека првите три месеци од оваа година завршиле со речиси наполу помала загуба во однос на лани и прогнозира позитивни резултати за целата 2022 година, истакнувајќи ги резервациите за летни одмори.
Во второто фискално тримесечје, кое заврши во март, ТУИ има првична загуба (пред каматите и даноците) од 330 милиони евра. Во истиот период лани загубата изнесувала 633 милиони евра. А, приходот е зголемен деветпати, на 2,13 милијарди евра, бидејќи луѓето продолжуваат со патувањата по олеснувањата околу епидемиолошките ограничувања.
– Првиот знак беа солидната работа за време на велигденските празници. Високата побарувачка за патувања и добрите деловни резултати ги потврдуваат нашите прогнози. Оваа 2022 година ќе биде добра – со многу патувања летово, изјави извршниот директор на ТУИ, Фриц Јусен.
Капацитетите на ТУИ годинава ќе се приближат до нивото од пред кризата во 2019 година, смета тој.