Цените на горивата и храната би можеле да предизвикаат бран немири, особено во групата економии во развој, со среден приход, како што се Бразил или Египет, покажа извештајот на консултантската компанија Verisk Maplecroft.

Дури три четвртини од земјите со висок или екстремен ризик од немири до четвртиот квартал од оваа година се земји со среден приход, според дефиницијата на Светска банка, нагласуваат од Verisk Maplecroft.

„За разлика од земјите со ниски приходи, тие беа доволно богати за да им обезбедат на граѓаните социјална заштита во услови на пандемија, а сега имаат потешкотии да одржат високи социјални трошоци, клучни за животниот стандард на голем дел од нивното население“, заклучуваат тие.

Аргентина, Тунис, Пакистан и Филипините, исто така, се меѓу земјите што ќе бидат следени во следните шест месеци, велат авторите, поради нивната голема зависност од увоз на храна и енергија. Под сличен притисок се и Либан, Сенегал, Кенија и Бангладеш.

Авторите на извештајот ги наведуваат Шри Ланка и Казахстан како примери на земји со среден приход кои веќе биле сведоци на немири оваа година.

Војната на Русија во Украина го забрза растот на цените на храната, кои достигнаа највисоко ниво во февруари и март, според Verisk Maplecroft, забележувајќи нагло зголемување на цените на енергијата.

Немирите би можеле да го попречат потенцијалното економско закрепнување и да ги одвратат инвеститорите фокусирани на факторите на животната средина, општеството и управувањето, се вели во извештајот.

„Некои земји би можеле да бидат заробени во маѓепсан круг бидејќи влошените социјални и управувачки индикатори ги претвораат во отпадници, попречувајќи го приливот на капитал потребен за подобрување на економијата и задоволување на потребите на општеството“, пишуваат авторите.

„Решение за конфликтот не е на повидок и глобалната криза на трошоците за живот ќе продолжат до 2023 година“, се вели во извештајот.

Извештајот, исто така, покажа дека повеќе од 50 отсто од речиси 200-те земји кои биле анализирани биле сведоци на чести немири од избувнувањето на пандемијата со Ковид 19.