Локомотива како партнер на проектот ACT (Art Climate Transition/Уметност Клима Промена) ќе учествува во кампањата „Вашите птици, нашите птици“ која се реализира во Марсеј и во земјите членки на мрежата на ACT во Европа.
Кампањата, како што соопшти тимот на Локомотива, обединува 10 организации во културата и уметноста од 10 европски земји кои ќе креираат мурал и програма преку која ќе креираат видливост за одредена ретка птица во регионот во кој делуваат. Овие мурали кои ќе се дел од серија на 10 мурали низ Европа, ќе бидат претставени во септември 2022 година преку активност на мрежата онлајн, но на локациите каде што се изведени.
Во креирањето активностi на локално ниво, Локомотива, Скопје во соработка со Македонското еколошко друштво и уметникот Доротеј Нешовски направи програма, која ја разви во партнерство со ОУ „Гоце Делчев“, Скопје и општината Центар.
– Активностите опфатија реализација на мурал, едукативни работилници и предавања. Уметникот Доротеј Нешовски реализираше мурал на ретката птица египетски мршојадец што се гнезди во централните делови во Северна Македонија, во основното училиште „Гоце Делчев“ во Скопје, а покрај визуелното претставување, во соработката со Македонското еколошко друштво, и нивниот претставник Ненад Петровски, ќе се реализираат едукативните активности, појаснуваат од Локомотива.
Оттаму додаваат дека со оглед што египетскиот мршојадец е единствениот преселен вид мршојадец во Европа, како и една од најзагрозените птици на Балканот со интересна приказна за неговата преселба, Ненад Петровски ќе направи предавање за деветто одделение и едно помало претставување за другите ученици од училиштето, по што ќе следи работилница за мурално сликарство, како и работилница на изработување на маски од птици. Учениците ќе продолжат со Доротеј Нешоски да креираат цртежи посветени на биодиверзитетот и ретките птици, на ѕидот на спортската сала од училиштето.
Со овие активности, како што соопшти тимот на Локомотива, ќе се обележи и 14 мај – Светскиот ден на птиците преселници