Во издание на „Бата прес“ се објави романот „Мрежа“ од познатата исландска авторка Лилја Сигурдардотир. Романот од англиски го преведе Елена Маџоска-Шикоска. Ова е второ дело на македонски јазик од истата авторка. Претходно „Бата прес“ го објави нејзиниот роман „Стапица“
Во овој динамичен, напнат психолошки и крими-трилер се разоткрива делувањето на наркомафијата и организираниот криминал во меѓународни размери, како и на банкарските, индустриските олигарси и политичарите во Исланд, Данска, САД, Мексико, Франција. Сето ова се случува за време на големиот финансискиот колапс во САД, Азија и Европа.
„После разводот, младата и привлечна мајка Соња, се обидува да го добие и да го задржи старателството над нејзиниот син Томас и мисли дека заминувајќи на Флорида, побегнала од сопругот. Синот на Соња е киднапиран од нејзиниот поранешен сопруг, таа е принудена да се врати назад во шверцот на кокаин, но овој пат има сопствен план... Соња, Томас, Марија, Агла и другите ликови се обидуваат да се извлечат од канџите на организираниот криминал. Но...“
Исландската крими-писателка Лилја Сигурдардотир е родена во градот Акранес во 1972 година. Пишува романи, драмски текстови и филмски сценарија. Романот „Мрежа“ е втор од новата серија крими новели и е на листите на бестселери во светот. Во оваа серија е и романот „Арсенал“, објавен во 2017 година. Правата за да се сними филм според сценарио од овие крими трилери беа откупени од Паломар пикчрс (Palomar Pictures) од Калифорнија.
Авторката Лилја Сигурдардотир живее во Рејкјавик. Објавувањето на делото е помогнато од Исландскиот литературен центар.