Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Еуро-Екопак” ДОО – Скопје во соработка со Детскиот ликовен центар – Скопје, објави конкурс за учество на Меѓународна изложба на творби на деца и младинци, тема „Творење и креирање на дела од отпад од пакување – 2022 година“.

Периодот за пријавување започнува од 15 мај, а завршува на 5 октомври 2022 година.

– Почитувани деца, ученици, родители и ментори, следејќи ја дванаесет годишната традиција, Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Еуро-Екопак” во соработка со Детскиот ликовен центар и оваа 2022 година, инвестира во развивање на креативноста на младите и подигање на јавната свест преку организирање на манифестација на создавање на уметнички творби од отпад од пакување, наведоа од „Еуро-Екопак“.

Оттаму посочуваат дека долгогодишната манифестација прераснала во препознатлив настан за подигање на јавната свест на младите генерации со порака дека отпадот е употреблив материјал и ресурс, и истата се интегрира во воспитно-образовниот процес на Република С. Македонија.

– Како и во годините досега, младите творци со креирањето на творби од отпад од пакување, ќе испратат порака до јавноста, дека сакаат да живеат во чиста животна средина. Преку организирање на оваа уметничка манифестација, младите творци ќе можат слободно да ја изразат својата креативност и да покажат дека отпадот од пакување може да се реупотреби, истакнаа од Друштвото.

Оттаму посочија дека примарната порака на манифестацијата е едукација и подигнување на еколошката свест на младите генерации од нашата и соседните држави, со цел да се укаже на сите нас, дека чистата и здрава животна средина е основен предуслов за создавање на здрави генерации и двигатели на прогресот на заштита на планетата земја.

– Колку ќе инвестираме во младите генерации во развивање на едукативните процеси и подигање на јавната свест, толку може да очекуваме од нив да бидат двигатели на прогресот во процесот на создавање на здрава животна средина, нагласија од „Еуро-Екопак“.

Оттаму наведоа дека мотивите, темите и материјалите за работа се по избор и консултација на учениците со менторите-професорите по ликовно образование во основните училишта (возраст од 11-14 година) и средните училишта (возраст од 15-18 година).

Делата можат да се создаваат од пластични шишиња, лименки, и други отпадни материјали од пакување.

Може да се учествува со изработени скици, цртежи, скулптури и колажи на хартија, картон (со димензии- блок бр.5), рељефи на картон во плиток или подлабок рељеф и тродимензионални скулптури од различен материјал со димензија најмногу до еден метар и 50 сантиметри.

Творбите може да се донесат во Детскиот ликовен центар – Здружението на ликовни педагози, библиотека “Другарче – Кинотека”, на ул.Никола Русински-1, Карпош 3 спроти гимназијата “Никола Карев”- Скопје.

По пошта-може да се испратат творби на хартија или картони, дим. блок број 5: цртежи, рељефни – плитки колажи и во комбинирана техника. Учесниците од странство можат да испратат и фотографирани дела-скулптури од амбалажа на меил: likovencentar@yahoo.com

Изложбата ќе биде подготвена до крај на октомври-почеток на ноември 2022 година (со отпечатени каталози, дипломи и благодарници за учество).

Стручната комисија ќе избере гран-при награда за најдобра групна творба, награди за најдобри индивидуални остварувања: за освоено прво, второ и трето место. Сите креативни дела на младите кои ќе ги избере комисијата, ќе бидат изложени во галеријата.

Свеченото отворање традиционално се одржува во кино-сала на Кинотеката библотеката „Другарче”, Карпош 3 во Скопје.

Творбите ќе бидат изложени во галерија на Детски ликовен центар во објектот.