Во галерија КО-РА при ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје вечер во 19 часот ќе биде отворена првата самостојна изложба на Вероника Љоровска насловена „Мојот свет во боја“.

Идејата за организирање на изложбата на студентката Љоровска е да се даде поддршка на лицата со посебни потреби како еднакви граѓани во нашето општество и нивното право на високо образование. Европскиот универзитет го негува духот на помагање на оваа категорија на лица овозможувајќи им студии со финансиска поддршка, во форма на целосна стипендија во времетраење од четири години. Таков е и случајот со студентката Вероника Љоровска, која е стипендист на Факултетот за арт и дизајн на насоката графички дизајн.

-Оваа камерна изложба насловена како „Мојот свет во боја“ се организира на иницијатива на проф. д-р Јана Манева – Чупоска. Таа покрај останатите предмети на факултетот ги предава предметите Сликање и Цртање. Токму од овие предмети се произлезени цртежите и сликите на Вероника Љоровска. Како најзначаен педагошки елемент во овој процес на создавање на оваа изложба е фактот дека Вероника успеа целосно самостојно да ги извршува задачите, работејќи по адаптирана програма креирана според нејзините можности. Целта на ваквата програма е таа да стекне вештини кои би можела да ги практикува и по завршувањето на нејзините студии, стои во најавата.

Изложбата се состои од четириесеттина дела изработени во повеќе техники: молив, јаглен, туш, фломастер, темпера, колаж, асамблаж, енформел. Форматите на делата се изработени во повеќе димензии.