Почнуваат денови исполнети со аплаузи за актери од 11 држави на фестивалот за монодрама во Битола, истакна министерката во Министерството за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченото отворање на 23. издание на Интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола.
Прогласувајќи го големиот меѓународен културен настан за отворен, Костадиновска-Стојчевска нагласи дека Интернационалниот фестивал на монодрама е еден од серијата културни настани во Битола.
– Градот на конзулите, бил и ќе биде достоен домаќин на бројни културни настани, како и на Интернационалниот фестивал на монодрамата. Во овие седум фестивалски денови ќе биде задоволство да проследиме монодрамски претстави на актери од 11 земји и да им го подариме нашето достојно внимание. Во претходниот период доживеавме многу монодрами во пандемичниот живот на дистанца, но сега е време за убави фестивалски денови исполнети со многу аплаузи, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Фестивалот почна со монодрамата „Само глас“ во која настапи актерката Ѕвездана Ангеловска, проект на авторката Нина Плавањац, во режија на Марјан Неќак, кој воедно е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светло.
Добредојде на гостите од државата и странство им посака директорката на НУ Центар за култура – Битола, Маја Андоновска Илијевски која потсети дека фестивалот годинава се одржува под мотото „Помеѓу“ и ќе се одвива до 21 мај на повеќе акетрски сцени.
Според програмата, утревечер ќе бидат изведени две монодрами на актерки од Хрватска и Македонија.