Во кафе-книжарницата „Буква“ вечер со почеток во 20 часот ќе се одржи промоцијата на стихозбирката „Збунети компаси“ од Зоран Анчевски. Станува збор за 10 книга во едицијата „Поеза“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.

Како што информираат од тимот збирката поезија „Збунети компаси“ од Зоран Анчевски се состои од пет циклуси песни кои градат многу занимливи меѓусебни врски, но и деликатни, дискретни, а суштински врски со претходното поетско творештво на Анчевски. Првиот циклус ги поставува поетичките начела и креда на поетот, а четирите циклуси што следат ги разработуваат истите во најразлични детали, ситуации и контексти. Завршниот циклус, пак, наместо да прави заклучоци и поетски „резимеа“ на изнесените начела, всушност, многу умешно и мудро, го враќа читателот на почетокот и бара нов прочит на книгата.

Зоран Анчевски (1954) е поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература. Своето образование го стекнал во Македонија и во САД. Досега ги има објавено стихозбирките Патувања низ скршени слики, Стратегија на поразот, Линија на отпорот, Превод на мртвите, Див мир , Избрани песни / Selected Poems, изданија на македонски и на англиски јазик, Историја на ветрот, Небесна пантомима (2018, Celestial Pantomime, издание на англиски јазик, како и обемната критичко-теоретска студија За традицијата.