Во Културно информативниот центар – Скопје, утревечер ќе се одржи промоција на збирката раскази „Луѓенца“ од Лилјана Пандева во издание на ПНБ Публикации.
Промотор ќе биде проф. д-р Владимир Мартиновски, а книгата низ разговор со авторката ќе ја претстави и писателката Јулијана Величковска.
– „Луѓенца“ од Лилјана Пандева е книга составена од седумнаесет исклучително впечатливи (навидум едноставни) мајсторски раскажани необични приказни за навидум „обични“ ликови, вели критичарот Владимир Мартиновски.
Лилјана Пандева е родена во 1964 година во Струмица. Дипломирала на Катедрата за југословенска книжевност и македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Потоа магистрирала на тема „Поетските фигури на формата во македонската книжевност меѓу традицијата и иновацијата“, а во 2018 година се стекнува со звањето доктор по филолошки науки на Филолошкиот факултет при УКИМ со одбрана на докторската дисертација на тема „Адвербијализацијата во македонскиот јазик“.
Во моментов работи како лектор по македонски јазик во Агенцијата за примена на јазикот.
Нејзини досега објавени дела се: драмолетките за деца „Новогодишни едночинки“; збирките раскази „Класифицирано“, „Канцелариски колумни“ и „Заорани“; стихозбирката „Љубов од А до Ш и обратно“; романите „Од агендата на Калина Калин“, „Возовите на Луцерн“ (преведени и објавени на германски јазик), „Дневници на една љубов“, романот „Доилката“, добитник на наградата „Стале Попов“ во 2017 г. од страна на ДПМ (преведен на српски и на руски јазик) и романот „Два Божика“. За поемата „Капетаните“ ја доби наградата за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2020 г. Добитник е и на три награди за најдобар краток расказ на „Нова Македонија“ (Прва награда за најдобар краток расказ 2021 г. за расказот „Ронка леб“ што е поместен во збирката раскази „Луѓенца“.
Лилјана Пандева е еден од добитниците на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2021 година во областа култура. Автор е и на повеќе научни трудови од областа на македонистиката со кои настапувала на домашни и меѓународни конференции, семинари и симпозиуми од областа на македонистиката и лингвистиката воопшто.