Мислам дека Вселенската патријаршија со соопштението го постави на правилна основа прашањето за признавање на црквата на соседната земја, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот брифинг со новинарите во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

На новинарско прашање за одлуката на Вселенската патријаршија, Иконому рече дека не сака да коментира и одговори кусо.

-Во однос на црковното прашање, не би сакал да коментирам. Мислам дека Вселенската патријаршија со соопштението го постави на правилна основа прашањето за признавање на црквата на соседот, рече Иконому.

Пратеникот од СИРИЗА и поранешен министер за надворешни работи на Грција Јанис Аманатидис, во интервју за информативниот портал „Ајидисис”, во однос на црковното прашање вели дека Договорот од Преспа „делуваше како катализатор за, на здрава основа, да оди напред процесот на доделување административен статус на локалната црква, која седум децении остана во целосна изолација”.

-Добриот однос на црквите на две земји, каде мнозинството од жителите се православни секако се одразува врз меѓудржавните односи. Особено традицијата на Света Гора длабоко влијае врз сите соседни народи. Денес, манастирите во Северна Македонија се засноваат на светогорското искуство на Славомакедонските монаси кои во претходните децении беа во Света Гора, а потоа се вратија и го оживеаја монаштвото во нивната татковина. Светол пример е манастирот Свети Јован Бигорски, каде што сите монаси и игуменот одлично зборуваат грчки и ги извршуваат богослужбите според светогорското предание. Православната традиција е обединувачки и помирувачки фактор на нашите народи, вели Аманатидис.