Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља објави синоќа дека косовската полиција, во акција за сузбивање на трговијата со наркотици, во месноста Извор во близина на границата со Србија, открила лабораторија за одгледување и обработка на дрога и над 10.000 садници марихуана, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на неговата страница на Фејсбук, Свечља информира дека во текот на акцијата, врз припадниците на косовската полиција било пукано од огнено оружје, но дека немало повредени лица.
– Не престануваме да се бориме против кириминалот во нашата Република. Во близина на границата со Србија, во местото Извор, полицијата откри лабораторија за одгледување марихуана, со повеќе од 10.000 стебла подготвени да се пуштат во илегална продажба на пазарот… Ова е резултат на големата решителност да придонесеме секој ден сé повеќе нашата земја да се ослободува од криминалот, напиша Свечља.
Вредноста на запленетата дрога, според косовскиот прв полицаец, изнесува околу шест милиони евра, а запленети се и постројки за производство на дрогата во вредност од 1,5 милиони евра.
Синоќешната анти-дрога акција на косовската полиција во областа населена со мнозинско српско население, со соопштение до јавноста, ја поздрави и најголемата партија на косовските Срби, Српска листа.