Европската Комисија не се меша билатералните односи на лидери на земји, ова го изјави портпаролката по изјавата на турскиот претседател дека не сака повеќе да комуницира со грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Брисел.

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека за него “не постои веќе“ грчкиот премиер Кириакос Мицотакис и одбива да се сретне со него, поради тоа што Грција се обидела да ја спречи продажбата на американски борбени авиони на Турција за време на неговата посета на Вашингтон.

-Не можеме и нема да коментираме билатерални средби помеѓу лидери на кои се разговараат разни билатерални или други теми, рече портпаролката Дана Спинант на денешниот редовен брифинг за новинари во Брисел.

Јавноста во Грција стравува дека заладувањето на односите би можело да ги актуелизира повторно тензиите помеѓу Атина и Анкара околу источниот Медитеран и Кипар.

Европската Комисија изрази надеж дека ќе се надминат тензиите.

-Генерално промовираме и охрабруваме добра соработка помеѓу лидерите, посебно помеѓу Грција и Турција, и се надеваме дека позитивни бранови ќе се прошират и ќе се одразат врз акциите во регионот, изјави Спинант.