Домашната книжевна сцена се збогатува со уште еден интересен наслов од областа на популарната психологија – „Радоста на постоењето“ од Симона Петреска, која работи како мотиватор и животен тренер.

– Авторката преку својата книга ги поттикнува луѓето да зачекорат со сигурност и полет во живот исполнет со радост и благосостојба. Преку своите лични искуства, таа им вдахнува инспирација да ја пронајдат вистинската насока на својот пат кон духовно остварување, соопшти авторката на книгата.

Оваа книга, додава, ќе ви помогне да живеете во мир и хармонија, да остварите духовен развој, да бидете благодарни за она што го имате и да создадете еден нов живот менувајќи ги своите мисли, емоции и однесување.

– Спојувајќи ги јазикот на умот и јазикот на душата и телото, авторката пишува со зборови кои допираат до сечие срце. Но и одново го кодираат умот учејќи го како да ја отфрли старата програма која не му е во полза и да создаде нова, која ќе му биде водилка во иднината. Ако душата е земја, вели авторката, вие сте нејзини земјоделци. Посејте ѝ љубов и гледајте како во вас завладува хармонија, се вели во соопштението.

Книгата може да се најдете во сите книжарници на ТРИ и на книга.мк.