Претставата „Ана Каренина“ според романот на Толстој, во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски, а во продукција на Новосадско народно позориште, е прогласена за најдобра на 39. Театарски фестивал „Денови на Нушиќ“ во Смедерево.

Преставата на Пројковски, еден од најнаградуваните и најпродуктивните македонски театарски режисери на Балканот, ги „победи“ своите големи конкуренти – претставите на Народно позориште – Суботица, Ателје 212 – Белград, Народно позориште – Белград и Београдско драмско позориште – Белград, а ја оценуваше жири, во состав Исидора Миниќ, Слободан Бода Нинковиќ и Милорад Мики Дамјановиќ (сите драмски уметници), соопшти „Арт стрит 26“.

– Претставата „Ана Каренина“ е моќно театарско доживување. Режисерот Дејан Пројковски со многу малку текст, користејќи го романот на Толстој речиси како синопсис, успева да раскаже возбудлива приказна за судбината на жената – човекот растргнати меѓу општествените норми и своите чувства. Низ многу модерен израз, сложувајќи слики од животите на јунаците, во драматичната сценографија, а сето ова поддржано од врвната игра на целиот ансамбл, добивме фантастична, возбудлива, несекојдневна, раскошна изведба на големиот класик. Се надеваме дека оваа претстава ќе ја подигне „пречката“ на нашиот театар и ќе стане стандард во поглед на театарската уметност, се вели во образложението на жирито.

На ова издание на „Денови на Нушиќ“, наградата за животно дело му беше доделена на легендарниот актер на просторите на поранешна Југославија, Богдан Диклиќ.

Наградите на Театарскиот фестивал „Денови на Нушиќ“ овој пат, под мотото „Приказните наши, приказните насушни“, ја зголемија богатата колекција од 23 награди кои овој театарски продукт на Пројковски ги доби во последните две години (премиерно е изведен во ноември 2019 година) во Србија и во странство. „Ана Каренина“ ги понесе наградите на сите релевантни фестивали во Србија во изминатите две години, како што се фестивалот на професионални театри на Војводина, „Тврѓава“ фестивал, на фестивалот „Борини театарски денови“ во Врање, „Театарска пролет„ во Шабац… Актерката Марта Береш, пак, за улогата на Ана Карењина е прогласена и за најдобра актерка во Унгарија.

Со овие сите награди, „Ана Каренина“ е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште – Нови Сад.

Деновиве, Дејан Пројковски почна со подготовките на проектот „Инферно“ според „Пеколот“ од Данте Алигиери, во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.