Независно од одлуките на европско ниво, а со оглед на тоа дека очекувањата остануваат мали, владата е решена да ги исцрпи сите буџетски можности за поддршка на домаќинствата, бизнисите и општеството во целина, рече портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому, на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за учеството на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на вонредниот Самитот на ЕУ за енергетското прашање, Иконому рече дека Мицотакис ќе повтори дека колку што е важно ослободувањето од руските јаглеводороди и транзицијата кон зелена економија, исто толку е важна поддршката на домаќинствата и бизнисите за големите поскапувања на цените на горивото, гасот, електрична енергија.

Паралелно портпаролот на грчката Влада потсети дека во Парламентот веќе се изгласани двете законски одредби за поддршка на граѓаните, односно поврат на 60 отсто од поскапувањата на електрична енергија за периодот од декември 2021 година до крајот на месецов, како и воведување вонредна такса за зголемениот профит на производителите на електрична енергија.